Новости Едукација во акција
EN

Едукација во акција

Неуморниот Едукативен оддел под водство на кустос Бојана Јанева, придружени од уметници кои учествуваат во дел од тековните изложби во МСУ во декември 2025г. организираа редица активности приближувајќи ги уметноста, музејските програми и активизмот.  

На 13 декември беше реализирана заедничка акција – уредување на патеката до МСУ со “Градинарот” како дел од поширока кампања “Институционални градини” на уметницата Зорица Зафировска. Работната иницијатива беше проследена со “МСУ Водич” на кустосот Бојана Јанева низ изложбите “Земјата која се промислува постојано” курирана од Рик Долфијн и Сѐ што ни е заедничко” курирана од Мира Гаќина и Јованка Попова во МСУ.

Фотографија: Маја Јаневска-Илиева

 

 

На 15 декември, во МСУ се реализираше прошетка низ изложбите „Земјата која се промислува постојано“ и „Се што ни е заедничко“ со учениците од IX-a одделение, под водство на наставничката Кристина Павлоска.

Учениците активно учествуваа и во едукативната работилница за изработка на семенски топчиња со Димитар Самарџиев од „Зелената арка“ организирана како дел од една поголема кампања на уметницата Зорица Зафировска, во рамките на изложбата „Се што ни е заедничко“.

Работилницата е наменета за деца и возрасни, кои ќе се запознаат со процесот на нивна изработка и корисност при засадување цветови, билки и дрвца во различни теренски региони и годишни времиња. Учесниците ќе научат како да спојат глина, семиња и ѓубриво за да создадат топчиња, кои ќе потпомогнат во обновувањето на цветните полиња и ливадите. Со нивна изработка и споделување учесниците се поттикнуваат да станат посветени чувари на животната средина.

Фотографии: Зорица Зафировска

 

Со задоволство соопштуваме дека уметникот Џем А. (@freezemagazine) подари две уметнички дела на Музејот на современата уметност – Скопје.

Неговите дела „Подни дела“ (2025) и „Музејот е привремено отворен“ (2025) ќе станат дел од уметничките збирки на музејот.

Со оваа донација, Џем А. го продолжува дијалогот што го започна со својата самостојна изложба во МСУ, отворајќи прашања за улогата на музејот како жив простор на заедничко создавање, грижа и преиспитување.

„Подни дела“ е тековна серија на скулптурални интервенции во форма на модифицирани знаци за претпазливост од „влажен под“. Секој објект содржи прилагодена порака што го имитира институционалниот јазик, истовремено поткопувајќи го неговиот авторитет преку спој на хумор и критика. Преку меметички стратегии, овие знаци функционираат како просторни интервенции чија логика се развива кумулативно и станува појасна со секоја нова средба.

„Музејот е привремено отворен“ е сајт-специфична уметничка интервенција која ја доведува во прашање претпоставената неутралност и стабилност на музејските институции. Поставувајќи низа хумористични и иронични „официјални“ знаци, Џем А. ја користи фразата како метафора за условноста на институционалното функционирање – нудејќи апсурдни, но длабоко точни опсервации за бирократските јазици на културата.

Хуморот во неговата работа функционира како критички механизам: музејот, наместо да се согледува како сериозен и стабилен „храм на културата“, се прикажува како привремен, кревок и условен простор – чија отвореност постои само во рамки на човечките фактори, кризите и административните ограничувања.

Со оваа интервенција, Џем А. го користи музејот како платформа за поширок дискурс за уметничкото производство, критиката и општествената улога на институцијата – отворајќи простор за сомнеж, хумор и дијалог.

Џем А. е познат како креатор на популарната страница за уметнички мемиња @freeze_magazine, но и по своите контекст-специфични инсталации и колаборативни проекти што истражуваат теми на опстанок, отуѓување и иронија во уметничкиот свет.

Неговите дела биле изложени во институции како Louisiana Museum of Modern Art, Barbican Centre, Berlinische Galerie, Museum Wiesbaden, и биле вклучени на documenta 15, Istanbul Modern, Mudam Luxembourg, Klima Biennale Wien, како и на 14. Биенале на млади уметници во МСУ Скопје. Како предавач, тој соработувал со Royal College of Art London, Central Saint Martins, HEAD Genève, HDK-Valand, и Universität der Künste Berlin.

Музејот на современата уметност со задоволство објавува дека е добитник на грант од Фондацијата Мондриан (The Mondriaan Fund) од Холандија. Средствата од грантот ќе бидат наменети за набавка на техничка опрема и поддршка на продукцијата во рамките на програмските активности на музејот. Благодарни сме на Фондацијата Мондриан за довербата и поддршката, како и на сите што придонесуваат кон остварување на нашата мисија.

Во четврток (25.09.2025), на заjдисонце, точно во 17:00 часот, ве очекуваме на “МСУ водич” со кустосот Бојана Јанева која ќе ве прошета низ трите новоотворени изложби во музејот: „Живко Поповски, живот посветен на архитектурата“„Желбата можеби е, би можела да биде, како што секогаш е, блиску до љубовта“, архивски асемблаж и интервенција на Кумјана Новакова и „Музеј отворен до понатамошно известување“, самостојна изложба на Џем А.

Музички избор на Марсо – почеток 18:00 часот.

Определбата на 15. Биенале на млади уметници, ко-курирано од Себастиан Цихочки и Нада Прља, се фокусира на важноста на самиот процес на настанување на уметничките практики. Оваа определба делумно произлегува од историјата на Музејот на современата уметност – Скопје, каде што Биеналето на млади уметници започнува во 1987 година, воспоставувајќи институционална платформа за дијалог и експериментирање. Сосредоточувањето на самиот процес ја подразбира важноста на истражувањето, експериментирањето, дијалогот со публиката како и општествените контексти што ги откриваат состојбите во кои размислуваат и делуваат уметниците.

15то Биенале ќе започне на 18.11.2025 (МСУ – Скопје) и 28.11.2025 (Музеј на Македонија) и преку серија изложби и настани, на повеќе локации во Скопје и пошироко, ќе продолжи до финалната фаза во октомври 2026. Секој нов настан во рамките на Биеналето ќе создаде платформа за нова група на учесници. Концептот на ова Биенале го напушта форматот на претходните биеналиња (изложба во МСУ – Скопје и доделување награди), овозможувајќи динамична платформа за развивање на практики и дела во дијалог со кураторите и другите учесници во процесот. Новина е, исто така, дека 15. Биенале ќе биде дисперзирано и ќе се одвива на различни локации во Скопје и други градови со цел креирање на уметнички и културни изложбени модели кои нудат поврзување со различни социјални и урбани контексти.

15-то издание исто така ја преиспитува формата на Јавниот повик на Биеналето. Овој пат, учеството не е ограничено со возраст (до 35 години). земајќи во предвид дека праксата е нова, ниту само на учесници со формално образование (професионални уметници). Повикот е отворен и за дизајнери, архитекти, перформанс-уметници, писатели, студенти и други. Овaа промена во формата на повикот ги одразува и современите начини на работа, но претставува и рефлексија на некои од првичните импулси на Биеналето, кои се залагале за проширување на слободата на изразувањето.

Сите заинтересирани се поканети да испратат селекција на реализирани, но и проекти кои се во нивната почетна скицираност, односно во самата иницијална фаза на процесот на создавање, укажувајќи на форми кои се карактеристични за рани фази на творештво (Early Works) – како цртежи, макети, акции во јавен простор, графити,  интервенции, перформанси, Concrete poetry, кратки видеа или радио-поткасти, итн., но исто така и дела кои се реализирани во „поконвенционални“ формати, како слики и скулптури. Кураторите потенцираат: „Заинтересирани сме за дела кои се елементарни, дури и „недовршени“ во својот изразен формат, но авангардни, автентични и радикално визионерски на идејно и концептуално ниво“.

Во согласност со овој повик, заинтересираните можат да ги испратат портфолијата или линковите до веб-страници и профили (Instagram итн.) со своите дела на mocaskopje.team@gmail.com, најдоцна до 24.08.2025. Ако делата се со идеја да бидат изведени на специфична локација (улица, јавна институција, итн.), наведете ја истата.

 

 

Биеналето на млади уметници, организирано од Музејот на современата уметност – Скопје го објавува назначувањето на Себастијан Цихочки и Нада Прља за ко-куратори на неговото петнаесетто издание, што ќе се одвива на локации во Скопје и пошироко. Биеналето ќе започне на 18.11.2025 (МСУ – Скопје) и 28.11.2025 (Музеј на Македонија) и ќе вклучува низа изложби и настани до последната фаза во октомври 2026 година.

 

Себастијан Цихочки е етаблиран и меѓународно признат куратор, кој живее во Варшава. Работи како главен куратор во Музејот на модерна уметност во Варшава, а предава и на Универзитетот за уметности во Познањ. Нада Прља е меѓународно призната уметница и моментално работи и како куратор-соработник во Музејот на современа уметност – Скопје.

​​Во врска со нивното назначување како куратори на 15-то Биенале на младите уметници, Цихоцки и Прља изјавија: Биеналето ќе има поекспериментален пристап, ќе се одвива во текот на една календарска година, ќе биде конципирано во фази и ќе се одвива во најголема мера надвор од физичките параметри на Музејот на современата уметност – Скопјe. Учесниците во првата (локалната) фаза на Биеналето ќе бидат избирани од кураторите, по препораките од Советодавниот одбор, како и од Отворениот повик што ќе биде објавен на 20 јули 2025 година. Биеналето ќе опфати различни форми на уметничко изразување, вклучувајќи дела специфични за локацијата, интервенции, музики дела, перформанс и поезија. Биеналето, исто така, ќе го истражи концептот на „млада уметност“, нагласувајќи ја важноста и значајноста на „раните дела“, без оглед на возраста или на образовната позадина на учесниците.

„Од своето формирање, Биеналето на млади уметници служи како платформа за креативно експериментирање, соработка и општествено влијание, овозможувајќи поддршка за генерации уметници во фаза на формирање. Со неговото воспоставување во нашиот современ контекст, создадовме простор за значајна регионална и меѓународна размена“, вели Тихомир Топузовски, в.д. директор на МСУ – Скопје. Понатаму, за назначувањето на Цихочки и Прља за куратори на Биеналето, тој вели: „Себастијан Цихочки и Нада Прља донесуваат различни перспективи обликувани од нивните индивидуални практики. 15-то БМУ ќе продолжи да промовира практики на современа уметност што поттикнуваат на размислување, етаблирајќи се како клучна платформа за поддршка на уметниците во рана фаза на формирање – простор за ангажирано истражување и за колективна рефлексија. Преку нивните кураторски визии, Биеналето критички ќе преиспита што треба да претставува Биенале на млади уметници во современи услови“.

 

Себастијан Цихочки е главен куратор во Музејот на модерна уметност во Варшава (МСН), Полска, каде што бил куратор на: „Банер. Ангажман, реализам и политичка уметност“ (2025 година), „Примарни форми“ (2021 година-во тек), „Пенумбрално доба: Уметност во време на планетарна криза“ (2020 година), „Making Use: Живот во пост-уметнички времиња“ (2016 година), меѓу другите изложбени и истражувачки програми. Цихочки беше куратор на „Клуб на друштвото на собирачи на жито“ во Домот за медиумска уметност во Олденбург; 40-тото ЕВА Интернешнал – Ирското биенале на современа уметност; „Пост-уметничко собрание“ на 14-то биенале во Гвангжу и „Примарни форми“ на 3-то биенале на Тајланд во Чијанг Рај. Другите проекти ги вклучуваат Полските павилјони на 52-то и 54-то Биенале на уметноста во Венеција. Цихочки е член-основач на Управата за пост-уметнички услуги – мрежа на уметнички работници кои придонесуваат за продемократските политички борби. Тој е предавач на Универзитетот за уметности во Познањ, Полска (УАП) и стипендист на Центарот за кураторско лидерство, Музеј на модерна уметност (МоМА), Њујорк во 2018 година. Себастијан Цихочки го посетува Скопје од 2005 година и има воспоставено врски со локалната уметничка сцена.

 

Нада Прља е уметница чии проекти се повеќеслојни, специфични за локацијата или за условите. Прља ја претставуваше РС Македонија на 58-то Биенале во Венеција. Има учествувано на разни меѓународни биенала, вклучувајќи го 18-то Талинско триенале за графика во Естонија (2022 година), 14-то Балтичко триенале во Литванија (2021 година), Меѓународното биенале во Инсбрук во Австрија (2022 и 2020 година), 7-мото Берлинско биенале во Германија (2012 година), Манифеста 8 во Шпанија (2010 година), 28-мото Меѓународно биенале за графика во Словенија (2009 година) и други. Нејзините дела ги има претставено на многубројни самостојни и групни изложби, вклучувајќи ги МАКСИ, Рим; Кунстхале Кремс, Кремс; Вајт Кјуб, Лондон; Калверт 22 Фаундејшн, Лондон; Пале ду Токио, Париз; Луис Глуксман Галери, Корк; БОДЕ Галери, Хавана. Работи и како куратор, моментално како куратор-соработник во МСУ – Скопје. Помеѓу 2004 и 2015 година има предавано на разни универзитети во Лондон. По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности и завршувањето на Средно училиште за ликовна уметност, двете во Скопјe, Прља се здоби со Магистратура по филозофија на уметност на Кралскиот колеџ за уметности во Лондон, Велика Британија.

 

За Биеналето 

Посветеноста на МСУ – Скопјe кон уметничките практики во развој е отелотворена во неговата иницијатива за „Биеналето на млади уметници“, чие 15-то издание ќе се одржи во 2025 и во 2026 година. Програмата произлегува од две значајни изложби одржани во 1967 година – „Современо македонско сликарство“ и „Младата генерација и современата македонска скулптура“ – кои поставија темел за континуираната ангажираност на Музејот со уметници во рана фаза на формирање и нивните различни пристапи, методологии и дискурси. Концептот  беше формализиран во 1987 година како „Биенале на млади“ и до денес секое издание го проширува опсегот на медиумски и на кураторски теми, го проширува учеството од локален во регионален и во меѓународен контекст, а истовремено, го усовршува и процесот на селекција. МСУ – Скопјe нуди признат институционален простор за поддршка и за презентирање уметнички практики во развој, при што Биеналето на млади уметници останува суштинска платформа за дијалог и експериментирање.

 

Последното издание на списанието The Large Glass Journal (Големото стакло) бр. 37/38, 2025 на Музејот на современата уметност донесува серија интервјуа со уметници, куратори и уметнички директори.

Тука го пренесуваме разговорот на Соња Абаџиева со корејскиот и јапонски уметник Ли Уфан, воден во неговото студио во Јапонија. 

 

За време на мојот судиски престој во Tokyo Art Institute (1994-95), како стипендистка на Japan Foundation, мојот почитуван ментор Шиничи Сеги -реномиран јапонски ликовен критичар, истражувач и галерист, ме запозна со уметникот Ли Уфан. (Lee Ufan). Господинот Тадајасу Сакаи (Tadayasu Sakai), директор на Музејот на модерна  уметност во Камакура, беше посредник во воспоставувањето на контактот. За исклучителното значење на Ли Уфан прв пат дознав на Биеналето во Венеција каде ја преставуваше легендарната јапонска група Моно-ха.

Авторот го посетив во неговото ателје – гнездо вградено во срцето на бамбусовата шума во монденскиот град Камакура, близу Токио.

Ли Уфан е роден во Кореја (1935), но на дваесетгодишна возраст се преселува во Јапонија каде всушност станува славен и ја остварува базичната уметничка кариера, вградувајќи се во ризомите и корените на јапонската култура.

Излагајќи во најафирмираните МОМА и Гугенхајм во Њујорк, во Париз (Бобур), Сеул (МОМА), Токио (МОТ)… и творејќи паралелно во Јапонија, Франција, САД …, постепено се вградува во интернационалната сцена, каде ги збогатува музејските збирки на горенаведените капитални музејски институции. Добитник е на награди и одликувања, како UNESCO Prize (2000), Premium Imperial  (2001), Légion d’ Honneur (2007). На островот Наошима изграден е негов музеј, дело на реномираниот архитект Тадао Андо.

Значењето на неговото творештво се темели на индивидуален план но и на колективен, како основач, теоретичар и душа на уметничката група Моно-ха .

 

Relatum: Истовремено и место и релација

 

Соња Абаџиева: Дипломиравте филозофија на Nihon University во Токио во 1961 година, а потоа долго време активно  работевте како професор на токискиот Тама Универзитет. Со оглед на вашата популарност во светот на визуелните уметности како сликар и амбиентален скулптор, малкумина знаат за Вашата клучна дејност како писател, теоретичар, философ, уметнички критичар. Каква реперкусија имаше Вашиот широк дијапазон на активности врз јапонската уметност кон крајот на 60-тите и во 70-тите години на 20. век?

Ли Уфан: Може да се каже дека моето влегување во историјата на јапонската и светската историја на уметноста почнува како идеолог и основач на јапонската група Моно-Ха, која де факто се смета како надоврзување на претходно светски афирмираната група ГУТАИ, претставувана на Биеналето во Венеција и во Музејот Гугенхајм во Њујорк. Основната заслуга за делумно надминување на јапонската традиционална експресија и владеачките главно конвенционални погледи на ликовната критика и теорија (acceptance, alteration, assimilation) е токму формирањето на една алтернативна опција, идеја за надминување на актуелната состојба преку теориската платформа на групата Моно -Ха. Во тоа време навистина бев опседнат со философијата, особено онаа на Мерло Понти (парадигмата на минималистите), на “l’ être” на Хајдегер , “l’infini”  на Спиноза, “la chose” на Кант,  “Topos на Китаро Нишида…Концептите на овие философи го означуваат она што ме интересира: како се формира и дејствува светот  без интервенции на човекот. Светот постои како нешто кое го трансцендира себството (myself) и нешто што е недофатливо (inpenetrable). Избрав, соочувајќи се со непробојното, Другото (The OTHER), константно да се преобразувам во тоа друго. Делото претставува релација која произлегува од средбата со ДРУГОТО и претставува простор, кадешто тоа се случува.

С.А.: Да се вратиме на Моно-ха, која направи пионерски пробив на меѓународната сцена во период на несигурност на модерната и современата јапонска уметност (fukakuji tsusei no jidai). Се смета дека групата е фантастичен спој на будистичкото и европското сфаќање на светот и создавање на уметност на работ на разликата меѓу природната едноставност и уметничката транспозиција во тој минимализам во спацијалните инсталации. Таа се сосредочуваше на ненаправеното (unmade) творење, не на веќе стореното, познатото и речиси хронолошки коинцидира со сиромашната уметност (arte povera) во Европа и минимализмот во САД.

Всушност, почнавте да создавате како директна реакција на поп артот и на концептуалната уметност. Во почетокот во платната употребувавте азиска сликарска техника со пигменти помешани со лепак и четка за калиграфија, а потоа преминавте на стандардната сликарска постапка. Како би коментирале на ова растегнато прашање?

Л.У.: Прво за името  Моно-ха. Обично се преведува како Schoоl of things (mono=thing, ha= faction or group). Теоретичарот Тошики Минемура ја дефинира како група на јапонски уметници активни пред и по 1970 година и кои се обидоа да создадат ликовен јазик од нештата  (things) какви што се (природни), непреправени и на тој начин да добијат фундаментално значење. Оттука, некои нејзини припадници користеле земја, вода, масло, камен, дрво, стакло, хартија, кожа, метал, односно во сликарството визуелно редуцирани потези, точки со четка, линии, спонтано течење на бојата: Нобуо Секине, Кенџи Инумаки, Кацуро Јошида, Сусуму Кошимизу, Кишио Суга, Кацухико Нарита, Коџи Енокура, Нобору Такајама, Ли Уфан, Џиро Такамацу, Хитоши Номура, Норијуки Харагучи  Со влегувањето на нова сцена со Моно-ха, се случува влегување во глобалното, меѓународното море. Треба постојано да се има предвид, во овој случај, дека модерната уметност беше претставена преку своевиден објективизирачки процес, базиран на репрезентативната логика преку која нејзиното лице се рефлектира во светот. Колку подолго  претставата е слика, таа неминовно е виртуелна претстава. Затоа што свесното на претставата може да и¢ даде сила на сликата само ако се оддели од светот, изјавувајќи дека нема да се стопи (merge) во светот. И нејзините членови си рекоа: наместо да правиме од светот препознатлив, познат облик  (предмет), да го претставиме самиот, вистинскиот свет и да ги изложиме секојдневните нешта кои вообичаено се игнорирани, да ги ослободиме да светат и да го прошируваат светот.

С.А.: Нели веќе станува јасно дека групата Моно-ха  е компатибилна со меѓународната сцена. Дури наоѓам допирни точки и со наративите на некои македонски автори од седумдесеттите ( Симон Шемов/ Кочо Фидановски, Исмет Рамичевиќ, Глигор Стефанов, Петре Николоски, Ибрахим Беди…)

Л.У.: Да секако, како и во другите култури, очевиден е духот на бегството од познатото и дефинираното против ригидната објективност и рационалноста на Модернизмот. Јапонската сиромашна уметност и концептуализмот на членовите од групите Гутаи и Моно-ха веќе се ослободени од метафорични, симболични конотации. Говорот е концентриран на самите материјали.

Во секој случај ги чувствувам интерференциите на различните култури, на пример азискиот ликовен ареал (учесниците во споменатите јапонски групи, сродните автори од Кина, Кореја) и европскиот (Лучио Фонтана, Пјеро Манцони, Јанис Кунелис…)

 

Соња Абаџиева со Ли Уфан, Токио 1995

 

С.А.:Вашиот автентичен јазик и визуелна поетика ја сфаќам како  чудесен континуитет од почетокот до денес. Кои се ликовните циклуси низ кои се изразува опстојувањето на една идеја, почнувајќи од крајот на шеесеттите и седумдесеттите до денес?

Л.У.: Да, делата од серијата From Point 1973, Relatum 1968/ 1990, With Winds од деведесеттите, подоцна ги ставам во темелна врска со делата од цуклусот From Winds, Relatum и Correspondance (1992/3).

С.А.:Во едно интервју соопштувате дека би сакале да ги опфатите сликарството, скулптурата и архитектурата, но бидејќи последнава синтетички е најповрзана со просторот, изборот го задржавте на плошното во сликарството и волуменот во скулптурата. Дали во Вашето сликарство има поголема динамика, за разлика од спацијалните скулптури каде доминра тишината?

Л.У.: Во сликарството сум очи в очи со платното, а во скулптурата просторот и материјалното се испреплетуваат. Тие стануваат транслуцидни, односно ниту сосема објективни, ниту сосема апстрактни. Оваа интермедијална состојба каде уметникот е внимателен во однос на материјата и просторот и ги ослушнува, создава впечаток на статичност.

С.А.: Во скулпторските инсталации Correspondances или во Relatum се среќаваат грубоста на каменот и измазнетоста на стаклото, водата, челикот, додека во сликарството невиното платно се соединува со јапонските ала сумие потези на четката. Има ли симболични конотации во овие средби?

Л.У.: Каменот нема метафорично или симболично значење. Тој е претставник на природата која ја трансцендира објективноста. Кога се соочува со недефинираната природа, човекот има проблем во воспоставувањето и водењето на дијалог со неа. Моето прашање е како да се воспостави контактот со природата. Токму тука е мојот фокус, мојата философија. Каменот и металот произлегуваат од природата, било од  дивата било од онаа преработена од човекот. Металната плоча е мост меѓу  вештачкото, артифициелното и вистинското. Измазнетоста на плочата има човечко обележје, а каменот или трагата од четката е од сферата на она што е поодалечено од човекот. Овие судрувања укажуваат на односот меѓу апстрактното и материјалноста.

С.А.: Го отвораме ли фундаменталниот центар во Ли Уфан философијата – прашањето за бескрајното?

Л.У.:Модерната уметност е многу заинтересирана за објективноста, за фактите и за завршеното, дефинираното. Мислам дека просторот се отвора и бескрајното се манифестира  кога светот на фактите и на објектите влегува во релација со светот на  ненаправеното. Во оваа смисла  просторот е едновремено место и релација – relatum. Објектот зависи од местото и местото има потреба од објектот за да го посочи, да го покаже.

Заинтригиран сум да го проучувам тополошкиот однос меѓу местото и објектот. Модерната уметност го привилигираше бивството и ги девалоризираше декомпозицијата и исчезнувањето. На тој начин таа го негираше времето. А времето и просторот се неразделни. Будизмот нè учи дека бивството е можно бидејќи постои небивство ипи дела…. Бидејќи ако го прифатиме исчезнувањето, тогаш почнуваме да го сфаќаме времето. Моите циклуси From Point, From Lines, From Winds се засновуваат токму на таа типологија меѓу местото и објектот или предметот.

С.А.: Дали се согласувате ако констатирам дека прашањето за празното е топос во Вашиот опус: платното е како незавршено, а каменот како да лебди над водата или стаклото?

Л.У.: Мојот интерес се фокусира на односот меѓу она што е насликано (направено) и она што не е направено, создадено. На некој начин се спротиставувам на тенденцијата да се засити платното до последна точка -all over- односно да се измазни каменот до совршенство, на пример како што прават Полок  во сликарството или Бранкуши во скулптурата. Затоа зафаќам само еден мал дел од платното, односно оставам простор меѓу каменот и плочата. Се обидувам да го лимитирам  учеството на уметникот и да им дадам збор на негибнатите делови. Човекот, т.е. уметникот учествува со една мала точка за да се откаже од идејата сè да направи.

С.А.: Илузија ли е дека тишината владее во Вашите слики или скулптури-инсталации  (амбиенти)? Има ли тишината некаква периферна улога или е целосно замената со идејата за празноста?

Л.У.: Тишината во моето дело е јазик на Празнотијата која кореспондира на материјалното, празното нема ништо општо со тишината. Празното не е простор во којшто уметникот зборува, туку место каде што се појавува лицето и гласот на уметникот. Кога виолината свири слушаме звук кој не му припаѓа ниту на свирачот ниту на виолината. Тоа е трет “звук”, резонанца кој ни открива  што се тишината и празнотијата. На Исток тишината е другото име за вистината.

С.А.: Во релација со термините: празно, тишина, недовршено… се наметнува големата идеја, поимот за бескрајноста (infinity). Долго размислувавте, ја елабориравте и уметнички се обидувавте да ја отелотворите во Вашето творештво.

Л.У.: Ги сакам уметничките дела кои целат кон чувството на бескрајноста. На пример како во пејзажите на кинеското Т’ang ant sung ,преплавени од моќта на свилената белина на ненасликаните простори кои кружат околу насликаните делови. Или обоените фрагменти од романските ѕидни слики во Помпеја… Нешто големо од овие уметници пробива низ времето и далечината. Делата создадени од нивната интеракција со околниот простор ми дозволуваат да  го почувствувам неисцрпниот здив на бескрајноста.

Во оваа смисла би ги споменал исто така и Клод Моне  и Лучио Фонтана. Моне преку неговите бои кои се менуваат од минута во минута паралелно со бескрајните пермутации на времето, создавајќи варијации на просторот, се однесуваат на и ја повикуваат променливоста на светот. Двајцата уметници креираат прекрасни визуелизации на непостоечкото и воедно врски со надворешниот свет.

С.А.: Каде е тука ЕГО-то, колку е потиснато?

Л.У.: Не сакам да го вербализирам, да го опишувам светот преку себе си, но на драго срце  сакам да ги воочам  врските со надворешниот свет. Моите дела не се само мои, бидејќи се извлечени од надворешниот свет. Тие се моето истражување на бескрајното. Не станува збор за тезата на симболизирање на себе си  (себе-симболизирање), но пред сè,  дефинирање и потврдување на сопствената егзистенција поврзана со другото. Сакам да го перципирам светот преку просторот што го создаваат врските, поврзаностите.

С.А.: Вака елаборираниот поим за бескрајното може да се чита како минимализам во Вашиот случај кој  теориски не кореспондира со западниот – американскиот модел на оваа ликовна насока.

Л.У.: Уметничките дела не се реалност и не се персонификација на концепти. Фрагментирани и интердимензионални тие постојат  помеѓу реалноста и концептот, овозможувајќи ги и влијаејки им на обата. На тој начин фрагментацијата  е поширока, благо дехуманизирана  територија на уметничкото дело. Сакам да извлечам максимум сооднос преку контактот со минималното. Морам да си се ослободам внатре во самиот свет преку необичното практикување на враќањето во ништоста (nothingness). Елаборацијата само на еден мал дел од светот ме соединува и ми ги олеснува  директните искуства. Во оваа смисла јас сум спацијален минималист.

Повеќе сакам анимиран простор, отколку анимирано дело. Делото не е симболизиран текст. Тоа е живо суштество со  променливост (mutability) koja доведува и до противречности и до наталожена, насобрана енергија… Балансираната врска меѓу околниот простор и самите материјали мора да дејствува како единство. Тоа е слично на строгоста на тренингот кај атлетичарите кога ги зајакнуваат силите. Јас сум тој кој ја создава моќноста на рамнотежата и чувството на бескрајност. Ова зависи од спацијалната сила на негативниот простор.

С.А.: Како визуелно се создава феноменот на бескрајноста?

Л.У.: Почнувајќи од 1970 година бескрајното го создавав  преку сериите слики From Line, From Point, укажувајќи на тој начин повеќе на повторувањето и на дивергенцијата отколку на врската со ДРУГОТО. Територијата на сликата ја создавав преку балансирање на односот меѓу точките и линиите, на растојанието меѓу нив кое се отвораше преку бескрајното (космичкото). Во скулптурата ја создавав релацијата во просторот меѓу каменот од природата и стаклото или металната плоча како природен, но преработен материјал од човекот. Оваа јукстапозиција претставува способност за создавање сооднос (кореспонденција) што  ги зајакнува  границите на надворешниот свет.

Би сакал исто така да нагласам дека се стремам кон врската каде што истакнувањето на негативниот простор и површината на ѕидот во некои инсталации се нагласени, дела во кореспонденција со подлогатата и аглите, патем предизвикувајќи реципрочна акција со околниот простор.

Моите дела како неприпаѓачки, отуѓени од светот на познатото или на интервенираното од човекот, содржат невообичаена strangeness и обиди за дофаќање на бескрајното. Светот е поголем, поширок од мене и претставува нешто опскурно. Моите дела посочувааат на тоа место каде јас се сретнувам и се поврзувам со ДРУГОТО.

С.А.: За време на Вашите престојувања и работа на француската ликовна цена од шеесеттите и седумдесеттите на минатиот век, дали се создале одредени блискости со некои Ваши колеги од тоа време. Конкретно мислам  на авторите Клод Виала (Claude Viala), Ниеле Торони (Niele Toroni) и постапката на повторување на времето и акцијата?  А потоа, можете ли да го проширите просторот и на релации со некои англо-американски минималисти?

Л.У.: Некои дела на Виала или Торони визуелно се блиски до одредени мои платна. Но во мотивите и материјалите моите инсталации се во близина на Ричард Сера, Карл Андре, Роберт Смитсон или Ричард Лонг. Врската се однесува на бескрајноста но како елемент на помирување со светот, со околината. Овие автори не го почитуваат концептот на постоењето надвор од себе, особено не светот надвор од цивилизацијата. А “камењата” што јас ги употребувам се нешто надвор од очовечената стварност и се врска со надворешниот свет.

Камакура, Јапонија, 1995

 

Серијата интервјуа може да се прочитаат во печатената верзија на The Large Glass, 37/38 достапно во продавницата на МСУ Скопје или да се нарача на info@msu.mk

По ретроспективната изложба на Тони Крег во 1997 година, Музејот на современата уметност со изложбата на Ричард Дикон го претставува делото на еден од најзначајните претставници на една блескава генерација скулптори (Алисон Вајлдинг, Бил Вудроу, Ентони Гормли, Ширазех Хушијари, Аниш Капур), кои во 1980-те години го понесоа епитетот „Нова британска скулптура“ и кои со своите специфики ја одбележа уметноста на пост-модернизмот на крајот од ХХ век.

Ричард Дикон е добитник на Turner Prize за 1987 година, наградата на Галеријата Тејт, една од најпрестижните британски и светски награди и во 2007 година го претставува Велс на Венециското биенале. 

Во присуство на Ричард Дикон, изложбата ја отворија Тихомир Топузовски, директорот на Музејот на современата уметност и Марија Станчевска-Ѓоргова, државна секретарка во Министерството за култура и туризам. На отворањето присуствуваа и Британскиот амбасадор во Северна Македонија, господинот Метју Лоусон и претставници на Британскиот совет.   

 

Четврток, 6ти јуни 19.30 – 21.30 и петок, 7ми јуни 17:30 – 19:30, Библиотека на МСУ

Првата половина од работилницата е наречена „Меме-размислување“. Во овој дел ќе дискутираме за теоретски пристапи кои се однесуваат на студиите на медиумиите, студиите на културата, историјата на уметност, илустрирајќи како мемињата може да се контекстуализираат во оваа рамка. Во втората половина (насловена „Мем-создавање“), ќе го поминеме чекор-по-чекор процесот на правење меми и ќе започнеме заедно да создаваме меми во колаборативен формат.

Џем А. е уметник со студии во областа на антропологијата. Тој е познат како креаторот на страницата за уметнички мемиња @freeze_magazine и по неговите интервенции и контекст-специфични инсталации. Неговата работа истражува теми како опстанокот и отуѓувањето во светот на уметноста, често преку хиперрефлексивен објектив и колаборативни проекти.

Од самостојни изложби и инсталации вредни да се напоменат се во музејот Луизијана (Louisiana Museum of Modern Art), Центарот Барбикан (Barbican Centre), Берлинската галерија (Berlinische Galerie), музејот Визбаден (Museum Wiesbaden). Неговите дела беа вклучени во Документа 15 (documenta 15), Истамбул Модерн (Istanbul Modern), Мудам Луксембург (Mudam Luxembourg), Клима Биенале Виена (Klima Biennale Wien) и 14. Биенале на млади уметници Музеј на современа уметност Скопје. Џем А има одржано предавања на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон (Royal College of Art London), Сентрал Sеинт Мартин (Central Saint Martins), Хеад Женева, (HEAD Geneve), ХДК Валанд (HDK Valand) и Univerzitetot za umetnost vo Berlin (Universität der Künste Berlin).

Заинтересираните можат да се пријават на работилницата пополнувајќи го формуларот.

Рокот за пријава е отворен од 29ти мај до 6ти јуни.

Оваа работилница која се одржува на 10. 12 и 12.12. 2024 од 19 – 22:00 го става во пракса неколкугодишно истражување на уметницата Клелија Живковиќ „Дизајн за оживување“, со цел да насети нови облици на дизајнирање и дејствување, кои ќе бидат директен и еднаков одговор на светот во кој живееме, во насока на светот кој посакуваме да го создадеме.

Во центарот на оваа пракса е процесот на прототипирање, развивање модели за отелотворување и спекулација, барајќи увид во начините на кои човештвото се поврзува со остатокот од живиот и неживиот свет. Форматот на прототипирање дозволува тестирање на недооформени идеи, ставајќи гo фокусот на нивните организирачки принципи како обид за продуктивно отстапување од антропоцентричноста.

Прашањето, „како ја замислуваме иднината?“ е вткаено во нашите избори додека ја градиме сегашноста. Оваа испреплетеност претставува плодна почна за полето на speculative design да се вкорени. Но што претставуваат овие спекулации? Дали во себе содржат значаен увид за можностите да ја напуштиме нашата автодеструктивна траекторија, или се палијативни заспивалки во подготовка за истребувачкиот настан кој се чини сѐ поверојатен?

Учесниците ќе бидат поделени во тимови. Секој тим ќе креира свое спекулативн сценарио и прототип, кои можат да бидат варираат од апстрактни идеи до детално разработени концепти.

Работилницата е наменета за сите заинтересирани, без оглед на нивното познавање од дисциплината – дизајн. Учесниците се охрабрени да ги користат алатките кои им се омилени (фотографија, видео, цртеж, дигитална илустрација, текст, перформанс итн) за да се обидат да ја артикулираат нивната визија за светот кој оживува.

Сите заинтересирани може да се пријават до 9ти декрмври преку линкот:https://forms.gle/e6FSsfBGa2GHBUL6A